ЕУ и Северна Македонија
Партнерство за реформи, раст и европска иднина
ЕУ е клучен партнер на Северна Македонија
Европската Унија е најблискиот партнер и најголемиот поддржувач на Северна Македонија, кој континуирано соработува со земјата за зајакнување на економијата, институциите и создавање подобри можности за граѓаните.
Од 2007 година, ЕУ има обезбедено финансиска поддршка во вредност од 1,9 милијарди евра, со што е убедливо најголемиот донатор, инвеститор и трговски партнер на Северна Македонија.
Северна Македонија е земја-кандидатка за членство во Европската Унија од 2005 година и континуирано напредува на својот пат кон членството. Во март 2020 година, Советот на Европската Унија ја донесе одлуката за отворање пристапни преговори со земјата. По усвојувањето на Преговарачката рамка од страна на Советот, во согласност со ревидираната методологија за проширување, во јули 2022 година официјално започна процесот на пристапни преговори со Северна Македонија.
Иако процесот на пристапување во Европската Унија се одвива преку различни институции и механизми, оваа веб-страница на јасен и пристапен начин покажува како поддршката од ЕУ се претвора во конкретни придобивки за граѓаните и локалните заедници. Во делот „Приказни“ можете да прочитате успешни примери, во делот „Вести“ да ги следите најновите информации, а во делот „Проекти на ЕУ – ЕУ за тебе“ да се запознаете со тековните иницијативи и проекти што Европската Унија ги поддржува во Северна Македонија.
Структурирано и стратешко партнерство
Соработката меѓу Европската Унија и Северна Македонија се темели на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), која е во сила од 2004 година. Со неа е воспоставена зона на слободна трговија, а истовремено е создадена рамка за политички дијалог, економска соработка и постепено усогласување на националното законодавство со правото на Европската Унија. Европската Унија денес е најважниот економски партнер на Северна Македонија: учествува со 76% во вкупниот извоз и со 47% во вкупниот увоз на земјата и претставува околу две третини од вкупните странски директни инвестиции. Партнерството не се темели само на силните економски врски, туку и на континуираниот политички дијалог и тесна соработка во клучни области, меѓу кои спаѓаат владеењето на правото, доброто управување, економскиот развој, животната средина, енергетиката, како и надворешната и безбедносната политика. Во 2024 година, Европската Унија и Северна Македонија дополнително ја продлабочија својата соработка со потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана, со што ја потврдија заедничката посветеност на справување со сè покомплексните глобални безбедносни предизвици. Северна Македонија целосно се усогласува со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и активно придонесува во мисиите и операциите на ЕУ.
Поддршката на ЕУ во клучните области
Поддршката од Европската Унија е насочена кон реформи и инвестиции што ѝ помагаат на Северна Македонија да се приближи до европските стандарди и да обезбеди поквалитетен живот за своите граѓани.
Покрај националната поддршка, земјата користи средства и преку Програмата ИПА за повеќе корисници, која финансира проекти со регионално значење за Западен Балкан. Во периодот 2014–2022 година, преку оваа програма беа обезбедени 3,24 милијарди евра за поддршка на проекти со регионално влијание за Западен Балкан.
Поддршката е насочена кон следниве клучни области:
- демократија и управување;
- владеење на правото и борба против корупцијата;
- економски развој и поддршка на малите и средните претпријатија;
- животна средина и климатска транзиција и
- транспорт и врски.
Дополнителни можности поддржани од ЕУ, вклучително финансирање, обуки и програми за мобилност, може да се разгледаат во делот „Можности“.
Од поддршка до вистинско влијание
Од поддршката од Европската Унија произлегуваат конкретни придобивки за граѓаните и заедниците ширум Северна Македонија.
Иницијативите финансирани од ЕУ придонесуваат за:
модерна, ефикасна и транспарентна јавна администрација;
- поддршка на илјадници компании и претприемачи;
- значајни инфраструктурни инвестиции во транспортот, енергетиката и заштитата на животната средина;
- подобрување на системите за третман на отпадни води и управување со отпад и
- учество во програмите на ЕУ, како што се „Еразмус+“, „Хоризонт Европа“ и други иницијативи за истражување, иновации и развој.
Голем дел од овие резултати се прикажани преку примери од реалниот живот во делот „Приказни“, додека целосен преглед на проектите и иницијативите финансирани од ЕУ е достапен во базата на податоци за проектите.
Преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, Европската Унија поддржа инвестиции во вредност од околу 3,8 милијарди евра, вклучително речиси 1 милијарда евра за водечки проекти изминатите години.
Раст и идни можности
Од 2023 година, ЕУ ја зајакна својата поддршка преку Планот за раст за Западен Балкан, чија цел е да се забрза економското приближување на регионот кон ЕУ и интеграцијата со единствениот пазар на ЕУ.
Во рамките на оваа иницијатива:
- Северна Македонија има пристап до Инструментот за реформи и раст, во вредност од 750 милиони евра;
- земјата се приклучи кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) во 2025 година и
- инвестициите се насочени кон дигиталната трансформација, зелената транзиција, реформата на јавната администрација и унапредувањето на деловното опкружување.
Најновите информации за клучните случувања, иницијативи и настани поврзани со овие активности редовно се објавуваат во делот „Вести“.
Безбедност и отпорност
Европската Унија, исто така, ја поддржува Северна Македонија во справувањето со современите безбедносни предизвици, вклучително сајбер-заканите, дезинформациите и странското влијание.
Преку продлабочена соработка во областа на управувањето со кризи и одбраната, партнерството меѓу ЕУ и Северна Македонија придонесува за зајакнување на институциите, зголемување на отпорноста и понатамошно усогласување со стандардите на Европската Унија.
Што значи ова за граѓаните
Дополнително, се создаваат нови можности за младите преку иницијативи како што е мрежата „Europe House“, која обезбедува простори за учење, креативност и активно учество на младите ширум земјата.
За повеќе информации за достапните програми и можностите за вклучување, посетете го делот „Можности“ или истражете ги тековните иницијативи во „Проекти на ЕУ – ЕУ за тебе“.
На крајот, поддршката од Европската Унија е насочена кон подобрување на секојдневниот живот на граѓаните денес, а истовремено придонесува за градење посилна и поотпорна иднина на Северна Македонија во европското семејство.