„Нов европски Баухаус“ 2026: Престижната награда за културната иницијатива „Комшилук“

Од балконите во скопската населба Железара, па сè до Брисел – срцето на Европската Унија – приказната за Виолета и Алфредо доби европско признание. Културната иницијатива „Комшилук“ (KomshiLOOK) од Северна Македонија е добитник на наградата „Нов европски Баухаус“ за 2026 година, која ја доделува Европската комисија во категоријата „Ѕвезди во подем“ (Rising Stars) за зајакнување на локалната демократија и инклузијата.
Преку „Травијата во три чина“, инспирирана од познатата опера на Џузепе Верди, „Комшилук“ го претвори просторот меѓу шест станбени згради во сцена на отворено. Балконите и прозорците станаа дел од изведбата, додека локалните жители ѝ се придружија на публиката, следејќи ја приказната низ своето соседство. Со околу 150 учесници, меѓу кои повеќе од 100 локални жители и приближно 2.000 посетители, иницијативата покажа како културата може да ги обедини заедниците.
Во оваа адаптација за соседството, трагичната опера доби дури и среќен крај: свадбена прослава во која учествуваше целото соседство. Како што велат основачите на оваа иницијатива, да се биде добар граѓанин започнува со тоа да се биде добар сосед. Иницијативата промовира солидарност, одржливост и заедништво, покажувајќи како локалните заедници можат активно да ги обликуваат своите културни простори.
Наградите „Нов европски Баухаус“ им оддаваат признание на иновативните иницијативи што ги поврзуваат одржливоста, инклузијата и естетиката со цел подобрување на локалните заедници. Ова европско признание го слави креативниот пристап на „Комшилук“ и истакнува како уметноста може да ја зајакне локалната демократија, да ги ревитализира населбите и да ги зближи луѓето.
Честитки за „Комшилук“, докажавте дека за културата не е секогаш потребна грандиозна сцена. Понекогаш, сè што е потребно е едно соседство, неговите луѓе и приказна што вреди да се сподели!




