Амбасадорот Рокас на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје: Младите ја поставуваат агендата

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, на 19 октомври се сретна со студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во рамки на првиот од серијата универзитетски дијалози, кои им овозможуваат на младите да поставуваат прашања на теми што претходно самите ги избираат преку гласање.
Првиот дијалог се фокусираше на три клучни теми: патот на Северна Македонија кон ЕУ, градењето иднина во сопствената земја и учеството на младите во донесувањето јавни одлуки.
Говорејќи за пристапниот процес на земјата кон ЕУ, амбасадорот Рокас го потврди новиот замав на процесот на проширување на Унијата. Тој посочи дека патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ е единствен и исполнет со предизвици, истовремено нагласувајќи ја силната поддршка за европската интеграција меѓу граѓаните и повторувајќи дека Унијата се подготвува да пречека нови членки.
Осврнувајќи се на прашањето за градење иднина во сопствената земја, амбасадорот Рокас ги охрабри младите Македонци максимално да ги искористат можностите за патување, образование и мобилност. Истовремено, ја истакна важноста од одржувањето силни врски со својата земја и враќањето на знаењата, вештините и искуствата стекнати во странство, со цел да придонесат за развојот на Северна Македонија.
Третата тема беше учеството на младите во донесувањето јавни одлуки, при што студентите поставија прашања за улогата на младите во креирањето политики и влијанието врз одлуките на институциите. Амбасадорот Рокас ја истакна важноста на младинските советодавни одбори, посочувајќи дека и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, a и тој, како евроамбасадор во Северна Македонија, имаат воспоставено вакви советодавни тела со цел перспективите на младите да се земат предвид. Тој ги охрабри националните институции да го следат овој пример, нагласувајќи дека кога младите се слушнати и активно вклучени во процесите на одлучување, тие се чувствуваат повеќе поврзани со институциите и другите засегнати страни.
Говорејќи за иницијативата, амбасадорот Рокас посочи дека настанот во Скопје е само прв од серијата дијалози што ќе се одржуваат на универзитетите низ земјата. Следниот дијалог се очекува да се одржи во Битола во ноември 2026 година, продолжувајќи ја заложбата гласот, прашањата и приоритетите на студентите да бидат во центарот на дискусијата.
Со тоа што им овозможуваат на студентите да ја постават агендата и директно да разговараат со амбасадорот на ЕУ, универзитетските дијалози создаваат простор за отворена дискусија за европската интеграција, можностите за младите и нивната улога во обликувањето на иднината на земјата.





